Економистите со оценка за ребалансот
За бизнисот ребалансот е оптимистички, за дел од професорите, тој пак е реален, иако неизвесноста од она што не очекува е голема. По вчерашната презентација на најновото прекројување на буџетската каса како главно прашање за одржливоста на јавните финансии е што ќе се случува во декември или јануари следната година. Дали може да очекуваме заздравување на економијата и раст или и понатаму ќе тонеме во рецесија.
Со ребалансот се зголемува буџетскиот дефицит на рекодни 920 милиони евра. Владата ќе има потреба да позајми дополнителни 250 милиони евра кои, според најавите на министерот за финансии, ќе бидат од домашно задолжување.
„Не постои ризик бидејќи главно се работи за домашно задолжување. А тао би го оценила како нешто позитивно. Ризикот е одржливоста на јавните финансии и тоа што ќе се случи на почетокот на следната година. Дали навистина брзо ќе заздрави домашната економија, дали ќе имаме капацитет да ги враќаме средствата. Тоа е нешто што го мачи секој носител на политиките, министерот за финансии, но и секој граѓанин. Бидејќи сите учествуваме потоа во враќање на долгот. Она што е ризик е и дали пазарот на труд и понатаму ќе има позитивни движења. Таму ударот не се почувствува до сега и согласно на тоа приходите од персоналниот данок и социјалните придонеси се доста добри. Но доколку вработеноста почне да опаѓа тоа претставува ризик бидејќи ќе се намалат приходите. Засега, според ребалансот, приходите се на исто ниво како претходно.“ - вели Никица Мојсоска Блажевски, универзитетски професор.
Иако првичните реакции за ребалансот се позитивни, дел од економистите сметаат дека во услови на криза Владата сака да демонстрира оптимистичко сценарио. Очекувањата на бизнисот се дека состојбата во следните месеци ќе биде полоша од она што го планира Владата, посебно ако кризата потрае. Буџетската дупка ќе биде поголема, а рецесијата подлабока.
„Нивните проекции се преоптимистички. И сметаме дека рецесијата може да биде подлабока, со оглед на тоа што веќе имаме пад на БДП во вториот кавартал од -12,7%. Имаме ниско ниво на реализирање на капиталните инвестиции од под 40%. Економската активност генерално е намалена и очекувањата се дека падот на БДП може да биде и поголем.“ - вели Дриљон Исени, Извршен директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија.
Бизнисот смета и дека не се реални проекциите за реализација на капиталните инвестиции од 300 милиони евра во ваква година, кога има огромна криза.
Со ребалансот расходите достигнаа нов плафон, односно надминаа 4 милијарди евра, додека пак приходите се речиси исти 3,2 милијарди евра. Проектиран е пад на економијата од 4,4 проценти.