Еколошки налепници: Ем на волја на граѓаните, ем задолжителни?
Еколошките налепници за возилата, кои беа најавени како мерка против загадувањето, нема да бидат задолжителни за граѓаните. Законот за возила кој беше донесен вчера, остава можност граѓаните да си набават црвена, жолта или зелена налепница, ако тие сакаат. Сепак, во загадени денови, и најсовремените автомобили нема да можат да учествуваат во сообраќајот без налепница.
„Во моментот кога Советот на Општина, или Градот Скопје ќе одлучи дека во одредена зона не ќе можат да влезат коли со жолта или црвена категорија, тогаш сите граѓани од жолта категорија ќе имаат можност во техничките служби да земат налепници и на тој начин ќе можат во тие зони да патуваат.“ - вели министерот за економија Крешник Бектеши.
Државните возила на јавните претпријатија и институции не се опфатени во законот. А кој ќе ги контролира граѓаните, која ќе биде сумата на налепниците и на казните, од министерството за економија велат, дополнително ќе се утврдува, бидејќи законот ќе се усогласува и со други законски акти.
А токму овие „прашалници“ кои висат во воздух, можат да ја отежнат имплементацијата на законот, сметаат од Зелената партија, кои иако првиот предлог-закон гласно го поддржаа, за финалната верзија останаа воздржани.
„На надлежните ќе им биде потешко да ја направат проверката, дали некое возило кое нема налепница можат да го видат во моментот, да го исклучат од сообраќајот, санкционираат итн. Ова ќе беше поедноставно, сите задолжително да ги етикетираме и ќе се знаеше повидливо дали е црвена, жолта зелена, а со тоа и препораките на Градот во услови на загадени денови би биле поедноставни и поразбирливи за граѓаните.“ - вели пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин.
Таа потенцира дека состојбата со аерозагадувањето е загрижувачка, па затоа го критикува и тоа што е оставена можност Законот да стапи на сила дури наредната година. Кога ќе се имплементира зависи дали годинава ќе има ребаланс на буџетот, со кој треба да се издвојат пари и за субвенции за граѓаните за вградување на системи со алтернативни горива, како и за купување на нови возила со замена на старите.