Еколошка катастрофа - пожар на Ф-групација за електронски отпад
Скопјани небаре во гасна комора - додека се уште се чуствуваше смрдеата на гареж од запалените депонии Дрисла и Вардариште, избувнаа огнени јазици на уште едно ѓубриште во скопско Трубарево.
Според првичните информации, гори објект со складиран електронски отпад и пластика на компанијата Ф-Групација. Огнот го гасеа теренски противпожарни возила од Скопската бригада, армискиот хеликоптер и ер-трактор.
Што се однесува на претходните кризи со опожарените депонии Дрисла и Вардариште, од ЦУК информираат дека пожарот на градската депонија Дрисла е ставен под контрола, додека депонијата Вардариште како и запаленото ѓубре во Шуто Оризари се изгаснати. Сепак, пеплосаниот отпад од каде што тлее чад кој се уште е видлив, се затрупува со механизација на приватни градежни компании.
Црниот густ чад и смрдеата од запалените ѓубришта предизвикаа сериозна загриженост кај граѓаните за нивното здравје. Од Министерството за здравство велат дека ја следеле состојбата, но нема препораки за граѓаните од надлежните институции какви мерки да преземат доколку дишеле отровен чад и како да се заштитат. Од Институтот за јавно здравје за ТВ24 велат дека тие воопшто не се вклучени во препораки за заштита на здравјето на граѓаните поради горењето на токсичен отпад од депониите, бидејќи немаат информации од МЖСПП за квалитетот на воздухот.
Институт за јавно здравје
- ИЈЗ не прави мониторинг на квалитет на воздухот, туку Министерството за животна средина а Институтот нема свои мерни станици и инспекции. Од Министерството немаме добиено таков извештај за да можеме да направиме проценка, но тие и немаат такво задолжение. Оваа тема не е регулирана со Закон. Се уште немаме добиено статистика од Центрите за јавно здравје за евентуален зголемен број на пациенти во Скопје поради ситуацијата со воздухот од депониите.
Иако надлежните од Министерството за животна средина како и Министерството за здравство ги уверуваа граѓаните дека воздухот не е толку загаден колку што тие мирисаат и чуствуваат, матичните лекари предупредуваат за сериозните здравствени последици од токсичниот воздух, особено за најмалите и хронично болните.
Веќе една недела секој ден, жителите на Скопско Ново Лисиче со цели семејства, излегуваат на протест барајќи итна реакција за справување со опожарените депонии, притоа неизбежно изложувајќи ги најмладите на еколошката катсрстофа со која се соочуваат во Скопје со недели.

