Еколошка катастрофа: Фекалиите од Могила преку реката Шемница завршуваат во Црна река и во Стрежевско езеро
Имаат канализација и пречистителна станица но како да немаат. Жителите на Општина Могила се жалат на големо загадување. Со години велат фекалиите од канализацијата директно завршуваат во реката Шемница, па преку Црна Река до Стрежевското езеро од каде се наводнува Пелагонија, а се обезбедува и техничка вода за РЕК Битола.
Реата која се шири околу реката е неподнослива. За иронијата да биде уште поголема куќите кои се наоѓаат најблизу до станицата и ја трпат со години миризбата од фекалиите не се приклучени на канализационата мрежа. Се менуваат градоначалници ветуваат решение но од тоа нема ништо.Загриженоста кај населението е уште поголема за своето здравје и исхраната бидејќи земјоделските површини практично се наводнуваат со вода која е полна со фекалии.
Станицата е изградена во 2013 година а проблемот е поради тоа што не е направен технички прием. Борче Бучински независен советник во општината вели многупати досега алармирал за овој проблем но наместо одговор добивал опструкции. Се обраќал и до инспекциските служби, но тие не излегувале на терен да ја видат состојбата.
Бидејќи досега не добиле слух од локалната, жителите на Могила сега бараат помош од централната власт оти правото на чист воздух вода и почва им е нарушено.
За овој проблем одговор побаравме и од сегашниот градоначалник Драганчо Саботковски кој вели дека канализацијата е направена уште пред 15 години и функционира исто како и станицата. За дел од куќите кои не се приклучени на мрежата се работеле проекти а за останиот дел со повикот за инфраструктурни проекти од Владата ќе се аплицирало за изградба онаму за каде што истотака имало проекти.

