Екипата на ТВ 24 вербално нападната на вчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ

Екипата на ТВ 24 беше вербално нападната за време на вчерашниот партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред владата од страна на непознато лице. Лицето најпрво започнало да ја навредува и омаловажува екипата упатувајќи погрдни зборови и пцовки општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив со што предизвикал чувство на страв и несигурност.

Здружението на новинари го осуди агресивниот однос и вербалните закани кон нашата екипа и потсетува дека новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело кое се казнува со казна затвор.

ОД ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го осудија секое спречување на медиумите во нивната работа, а посочениот инцидент велат не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на митингот. Слободата на медиумите и обезбедување на простор за вистинско и точно информирање се врвот на една демократија, но и показател за степенот на демократскиот амбиент во државата, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.