ЕХФ донесе вонреден календар, Вардар - Пик Сегед во јуни
Foto

ЕХФ донесе вонреден календар, Вардар - Пик Сегед во јуни

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска ја претстави својата физибилити студија за тоа како би можела да резултира сезоната која беше прекината поради пандемијата со Ковид-19. Ако низ Европа воопшто постојат услови за продолжување на натпреварите, ЛШ ќе се протегне низ целото лето, а нови датуми ќе добијат и баражите за пласман на СП 2021, меѓу кои и Македонија - Франција.
 
ЕХФ дефинитивно прогласи мораториум на сите натпревари во април и во мај и најави дека можеби ќе се продолжи во јуни, со целосно поместена агенда. Тоа значи дека завршниот турнир во Лигата на шампионите во Келн ќе се игра на 22 и 23 август, но прашање е кој ќе учествува на него.
 
Ако ситуацијата со коронавирусот во Европа дозволи направерувањата да продолжат од 1 јуни, според новиот план на ЕХФ, Вардар и Пик Сегед своите осминафинални дуели би ги одиграле на 3/4 јуни во Скопје и на 6/7 јуни во Сегедин. Ако се случи изненадување и Вардар го мине унгарскиот вицепрвак, потенцијалното четвртфинале би се играло на 24/25 јуни во Скопје и на 27/28 јуни на теренот на противникот (Веспрем или Висла).
 
Меѓутоа, ЕХФ има сценарио и во кое коронавирусот би продолжил да ја парализира Европа и во јуни, па тогаш ќе се откажат сите елиминациски натпревари, а учесниците на Ф4-турнирот во Келн ќе бидат одредени според досегашиот пласман. Тоа значи првите и вторите од групите А и Б директно ќе одат во Келн: Кил, Веспрем, Барселона и ПСЖ.
 
Овој вонреден календар влијае и на настапот на македонската ракометна репрезентација во баражот за СП 2021, против Франција, кој требаше да се случи од 5 до 11 јуни. Сега двомечот е поместен за 1/2 јули во Скопје и 4/5 јули во Франција.
 
Новиот календар ја засега и женската ракометна репрезентација на Македонија, која застана среде квалификации за ЕП 2020, иако без реални шанси за првите две места во конкуренција на Шведска, Чешка и Португалија. Во последниве денови на март требаше да ги одиграме третото и четвртото коло, дома и на гости со Португалија, но наместо тоа ЕХФ реши преостанатите четири кола во квалификациите да се одиграат турнирски, кај еден домаќин, во периодот од 3 до 7 јуни.

0 Коментари

Остави коментари