ЕК за ТВ 24: Побаравме дополнителни информации од Владата за скандалот со европски пари за земјоделците
Европската Комисија бара дополнителни информации од владата за скандалот со европските пари за земјоделците. Од Брисел за ТВ 24, велат, дека се свесни за ситуацијата, побарале од властите во земјава додатни податоци, но не може да дадат повеќе информации во оваа фаза.
Портпарол на Европска Комисија : Свесни сме за ситуацијата и побаравме дополнителни информации од властите на Северна Македонија. Комисијата не може да даде дополнителни коментари во оваа фаза.
Дипломатски извори брифираат дека не се исклучува, во истрагата да се вклучи и Европската канцеларија за борба против измами - ако се утврди злоупотреба, можно е државата да биде обврзана да враќа пари на ЕУ.
Телевизија 24 испрати прашања и до ОЛАФ – дали истражува злоупотреби на ИПАРД средствата во земјава и какви ќе бидат последиците. Но одговор засега нема.
Во поседниот извештај на ЕК за напредокот на земјата, во кластерот 5 и поглавјето 11 стои дека треба да се стави фокус на мерките против корупција во ИПАРД.
- Во однос на мерките против корупција, телата на ИПАРД се обврзани да спречуваат, откриваат и пријавуваат неправилности, стои во извештајот на ЕК.
Опозицијата бара оставка на министерот за земјоделие Трипуновски и итно објавување на сите документи и извештаи поврзани со ИПАРД. Порачаа дека исплатите од ИПАРД не може да ги стопира премиерот - тоа е санкција од европскиот систем на контрола.
- Власта итно да одговори колку корисници имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства? Што ќе преземе владата за да ги заштити овие луѓе бидјеќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкокси тие се оштетени? За на јавноста да и биде јасно, ваквите суспензии може да траат две до три години, а прашање е дали воопшто ИПАРД програмата по ваков скандал ќе продолжи, порачаа од СДСМ.
А премиерот. Мицкоски денеска порача дека средствата не се блокирани од ЕУ, напротив акцијата која се презема во моментов е поздравена како позитивна од страна на Европската комисија. Изјави дека исплатата на парите е стопирана на негово барање.
– Да, јас тоа го побарав, затоа што сакаме да видиме до каде одат злоупотребите. Затоа што првичните информации велат дека не е тоа само од сега, туку и наназад е правено. Се ќе истражиме. И секој кој што мисли дека така ќе помине, се лаже. Има да одговараат сите, од прв до последен, кој сака нека е, изјави премиерот.
И шефицата на државата побара одговорност.
– Одговорност мора да има. Но веднаш, ова треба да биде причина да се гарантира транспарентниот процес во користењето на средствата и одговорноста и отчетноста, за да се оневеозможи пост фестум ние само да санкционираме, но повторно да има можности за злоупотреба, изјави Сиљановска.
Минатата година имаше скандал и за назначувањето на Афрона Вервизоли од коалицијата ВРЕДИ за главен ревизро на ИПА фондови. Реагираше ЕУ делегацијата во земјава, која најави дека ќе го преиспита случајот, бидејќи се однесува на контрола на користењето на проекти и активности финансирани од ЕУ во Македонија. И антикорупциска отвори постапка – дали несоодветно и нестручно лице е поставено за главен ревизор на Ревизијата на претпристапна помош од ЕУ.

