ЕК за ТВ 24: Европската комисија не интервенира во билатерални случаи – конзуларната помош првенствено спаѓа на националните органи
Европската Комисија со порака за случајот „Ива Михаилова“ - Брисел не интервенира во билатерални случаи.
Во одговор до ТВ 24, од Комисијата велат дека конзуларната помош првенствено е во надлежност на националните органи. До Брисел беа испратени прашања: дали македонското МНР ја информираше Комисијата за случајот, дали реакциите на бугарските власти се во согласност со обврските на Бугарија како членка на ЕУ и дали Брисел ќе побара дополнителни одговори за случајот со Михаилова.
Портпарол на Европска Комисија : Комисијата не интервенира во билатерални случаи, а конзуларната помош првенствено спаѓа во надлежност на националните органи.
И додека Скопје ја бара со меѓународна потерница, Софија ја одбива екстрадицијата, повикувајќи се на Европската конвенција и отсуството на ратификуван договор. Михаилова ја напушти Македонија само неколку дена по тет-а-тет средбата меѓу Муцунски и Чамова.
Во меѓувреме, од Берлин, шефицата на бугарската дипломатија Петрова-Чамова испрати порака за европските вредности. На средбата со германскиот колега Вадефул, таа порача дека почитувањето на основните права и недискриминацијата се клучни вредности на ЕУ.
МНР Република Бугарија : Министерката Петрова нагласи дека проширувањето мора да остане процес заснован на индивидуални заслуги, суштински реформи, исполнети критериуми и почитувани преземени обврски. Таа истакна дека почитувањето на основните права и недискриминацијата се клучни европски вредности, додека говорот на омраза и манифестациите на антиевропска реторика се неприфатливи.
Според експертите, случајот Ива Михаилова е шлаканица за македонската дипломатија.
Иво Рангеловиќ експерт : Ова е шлаканица за македонската дипломатија, дали е поредно или непосредно крива. Нашата дипломатија оди во официјална Софија и тие им велат наши доктори ќе дојдат да ја видат Ива Михаилова, само по себе ми ја потценуваат интелигенцијата. Нашите доктори не чинат? Дали јас ако не дај боже убијам човек во Бугарија во сообраќајна несреќа, ќе ми дозволат со македонски пасош – македонски лекар да ме лечи? Министерот за здравство денска вели – нема никаков здравствен случај. Па кажете му го тоа на шефот на дипломатијата да не разговара за бугарски доктори да доаѓаат во Македонија.
Дипломатскиот притисок од Скопје, пак, продолжува. МНР пред два дена го повика бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков за да изрази незадоволство од приемот на Михаилова во Бугарија. За ТВ 24 од министерството порачаа и дека Муцунски веќе испратил реакција до Европската Унија и земјите-членки, а во наредниот период ќе бидат информирани и сите релевантни европски институции и меѓународни организации.

