ЕК: Неприфатливи се какви било напади или примена на сила против флотилата што плови кон Газа
Слободната пловидба и меѓународното право мора да се почитуваат и затоа ЕУ смета дека се неприфатливи напади, вклучително и со дронови, заплени или каква било примена на сила против флотилата од бродови што се движи кон Газа, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за социјални права, подготвеност и еднаквост Ева Хрнчирова.
Изјавата на Хрнчирова беше одговор на новинарско прашање за коментар на ЕУ на тврдењата дека флотилата од бродови со пропалестински активисти што се движи кон Газа во текот на минатата ноќ била цел на напади со дронови, додека се наоѓала во близина на грчкиот остров Крит.
- Ние ја почитуваме хуманитарната посветеност на луѓето кои се на бродовите во флотилата и разбираме дека секој има право да практикува таков активизам. Тоа е слободата на собирање и е столб на нашата демократија. Со оглед на ситуацијата во Газа, целосно разбираме дека овие луѓе сакаат да ја подигнат свеста за ова прашање и сакаат да покажат дека ситуацијата е неподнослива. Затоа во основа ја споделуваме нивната посветеност, но исто така сме свесни и загрижени за ризиците што тие ги преземаат, изјави Хрнчирова
Таа додаде дека во однос на овој случај ЕК „ја има предвид“ изјавата на италијанските власти, кои по инцидентот испратија свој брод да ја придружува флотилата.
На прашање дали Комисијата размислува на некој начин да им пружи заштита, поддршка или помош на бродовите кои пловат кон Газа, вклучително и со ангажирање на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (ФРОНТЕКС), заменик главниот портпарол на ЕК, Олоф Гил изјави дека за ова прашање одговор треба да се побара од ФРОНТЕКС, како и дека ставот на Комисијата во врска со инцидентот беше сосема јасно пренесен од страна на Хрнчирова и нема што повеќе да се додаде на тоа.
Италија денеска го повика Израел да ја гарантира безбедноста на флотилата што плови кон Газа, нагласувајќи дека при нападот минатата ноќ таа се наоѓала во меѓународни води и дека на бродовите има и неколкумина Италијанци, вклучувајќи и членови на италијанскиот Парламент.
- Секоја операција насочена кон спречување на флотилата да се приближи до Газа мора да се спроведе во согласност со меѓународното право, соопшти италијанското Министерство за надворешни работи.
Флотилата со околу 50 бродови со активисти од 45 држави, меѓу кои и шведската екологистка Грета Тунберг, исплови од Барселона на пат кон Газа со цел да го привлече вниманието на светската јавност на хуманитарната криза во Појасот.
Дел од активистите во флотилата тврдеа дека биле цел на два напади со дронови и додека претходно биле вкотвени во близината на Тунис.
Израел во понеделникот соопшти дека нема да дозволи флотилата да стигне до Газа, нудејќи им на активистите да впловат во израелскиот град Ашкелон, кој се наоѓа десетина километри северно од Појасот.

