ЕК ја осуди полициската бруталност врз Ромите

Европската Комисија го осуди нападот на полициските службеници врз неколкумина ртоми  во Битола. Велат дека се запознаени со инцидентот но се додека трае истражната постапка не можат да ја коментираат истрагата ниту пак судските постапки.

„Многу јасно осудуваме секаква неоправдана употреба на сила, нотираме дека властите го осудија инцидентот и дека преземаа чекори за отворање истрага за одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.“ - изјави Ана Писонеро - портпаролката за проширување на Европската Комисија.

Прво ќе се сочекаат сите аргументи, пред да биде донесен конечен суд – вака министерот за вантрешни работи Оливер Спасовски  го коментира случајот во Битола. Тврди дека сите инволвирани ќе одговараат.

„Тие кои што не ги почитуваат законските овластувања и ги пречекоруваат мора да носат одговорност, без разлика за кого станува збор. Меѓутоа исто така никако не можам да поддржам насилство кое што значи напад врз полициски службеник.“ - изјави Спасовски.

Двајца полицајци од Битола беа суспендирани од работа откако на социјалните мрежи беше споделено видео на кое можеше да се види како еден од нив тепа неколкумина Роми од Битола.

Едниот од полицајците доби и кривична пријава. Во текот на викендот пак во Битола се оддржа протест против полициската бруталност. Во меѓувреме, во јавноста се појави нова снимка на која се гледа дека на инцидентот му претходел напад врз полициски службеници.