Едштадлер од Виена: Австрија нема разбирање за бугарското вето за Македонија
Foto

Едштадлер од Виена: Австрија нема разбирање за бугарското вето за Македонија

Австрија нема разбирање за бугарското вето кон Македонија. Официјална Виена бара Бугарија да престане со отпорот и да ја отвори европската врата за земјата. За австриската влада секое идно одложување на преговорите со Македонија ќе ја остави ЕУ и нејзините земји членки како губитници 

- Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме, во Виена, како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакум ако оваа перспектива на пристапување не ја претвориме во дела и тој вакум ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија. - изјави Каролине Едштадлер австриска министерка за Европа и Устав.

Вицепремиерот Димитров кој е во освојување на европските метрополи со цел поддршка за старт на преговорите со ЕУ, првата посета ја започна денеска токму во Виена. Порача дека придвижувањето на евроинтегративниот процес за Македонија, ќе значи зголемена доверба кон ЕУ.  

- Македонија мора неодложно да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција. Потребни се одлучни чекори за да се врати силата на европската визија во регионот. - изјави Никола Димитров вицепремиер за европски прашања.

Од Советот на ЕУ вчера потврдија дека дебатата за Западен Балкан е повторно одложена, овојпат за месец мај. И покрај притисоците на скоро половина од земји членки на ЕУ, и заложбата на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, проширувањето со Западен Балкан, нема да биде на дневен ред на 19 април на Советот на ЕУ за надворешни работи, како што се очекуваше.

0 Коментари

Остави коментари