Едниот од двата старски дома на „хоророт“ во Скопје и натаму работи - возрасните лица вратени кај семејствата или се распределуваат во јавните домови

И покрај соопштението од МВР дека до вчерашниот ден се затворени и двата дома за згрижување стари лица во Капиштец и во Бутел кај кои беше детектирано нечовечко и сурово однесување од страна на сопственичките кон старите лица, на терен детектиравме друга слика. 

Од Министерството за Социјална политика, демографија и млади велат дека не ја знаат точната бројка на сместени возрасни лица по приватни установи за згрижување, како ни за точниот број во двата посочени за нехуман третман, до излегување на информацијата дека имало речиси двојно повеќе стационирани отколку што налага капацитетот.   

Министерство за социјална политика, демографија и млади

- Станува збор за Приватни Установи за социјална заштита, каде што корисниците се сместуваат со приватни договори меѓу установата и семејствата/старателите на старите лица. Контролите се вршат во согласност со Законот за социјална заштита и подзаконските акти донесени врз негова основа, а се однесуваат на исполнувањето на нормативите и стандардите за простор, опрема и кадри потребни за непречено функционирање на установата и грижа за старите лица. 

На сопственичката и првоосомничената  за суров, нечовечки и нехуман однос кон старите лица во домовите „Арија„ во Бутел и „Актив„ во Капиштец – извесната Наташа Јовановиќ, инспекциските служби на министерството минатата година веќе и изрекле опомена при контролен испекциски надзор за неотстранет недостаток од инспекцијата пред две години во домот „Арија„. Но недостатокот не се однесува на суровите сознанија кои ги открија инспекторите сега, меѓу кои беше и храна со изминат рок за старите лица, туку за несоодветна спецификација на дистрибуираните оброци. 

Контролен инспекциски надзор над ПУСЗ „АРИЈА“ од 18.03.2024

- Установата, иако има склучено Договор за соработка со „Мар-Бад Компани“ за кетеринг услуги – храна за 13 оброци (доручек, ручек, вечера и ужина) и Анекс бр.1 на Договор за соработка за вкупно 21 оброци (доручек, ручек, вечера и ужина), поради проширување на капацитетот на установата не обезбедува соодветна спецификација за дистрибуираните оброци. 

Од Институтот за Судска медицина како и од ОЈО Скопје за ТВ24 велат дека се чекаат дополнителните анализи од извршените прегледи на старите лица кои според истражните наоди, трпеле физичко и психичко малтретирање од сега веќе притворените сопственичка и управителка на „Арија„ и „Актив„. 

Според регистарот на Министерството за социјална политика, во државава имаме 46 регистрирани приватни установи за згрижување на стари и изнемоштени лица. Во 2024 година, инспекциските служби издале 18 решенија со мерки за отстранување на констатирани неправилности во 16 приватни старски домови. Оваа година, има констатирано неправилности во една установа, според јавно објавените решенија на веб страната на министерството за социјална политика.