Една милијарда евра – нов заем преку еврообврзница за раздолжување на стари долгови
Една милијарда евра нов долг, кој земјава ќе го враќа во следните осум години. Со нова еврообврзница државата повторно се задолжи. Задолжувањето е направено преку две транши од по 500 милиони евра. Едната со рок од четири години и камата од 3,87 отсто, а другата со рок од осум години и камата од 4,75 проценти. Со парите ќе се исплати еврообврзницата од 2020 година во износ од 700 милиони евра, а остатокот ќе се користи за буџетскиот дефицит и развојни проекти. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска се пофали дека осумгодишната еврообврзница, прва со таква рочност, е доказ за довербата на инвеститорите. Оценувајќи ги како историски најниски маргини, таа вели дека каматните услови се меѓу најповолните во регионот.
Од СДСМ велат дека новото задолжување не е успех, туку нужност поради, како што тврдат, длабок буџетски дефицит и недостиг на средства за редовно функционирање на државата.
„Под оваа сјајна фасада се крие сурова реалност, ова задолжување е директен одговор на проблемите со финансиите и буџетскиот дефицит. Оваа ‘доверба на инвеститорите’ што Владата ја слави, всушност е сигнал дека земјата мора да се задолжи по цена на зголемување на вкупниот долг, кој веќе надминува 60% од БДП според ЕУ-стандардите.“
Задолжувањето е неопходно, а рочноста и каматите не се лоши, смета универзитетскиот професор Борче Треновски. Сепак, тој според него загрижува висината и динамиката на јавниот долг. Најголем дел од буџетот оди за тековни расходи, а мал дел за продуктивни и развојни инвестиции, што може да го зголеми ризикот за враќање на долговите во услови на глобални финансиски шокови.
Пред крајот на минатата година, државата неколкупати се задолжи и на домашниот пазар, преку издавање државни хартии од вредност, како дел од стратегијата за обезбедување ликвидност и сервисирање на доспеаните обврски. Така, во следните пет години земјава треба да врати нешто над 8 милијарди евра долг.

