Единици на Безбедносните сили на Косово заминаа за Албанија да помогнат по земјотресите
Foto

Единици на Безбедносните сили на Косово заминаа за Албанија да помогнат по земјотресите

Единицата за потрага и спасување на Националната гарда при Безбедносните сили на Косово (ФСК) отпатува утрово за Албанија за да помогне во справувањето со последиците од силните земјотреси кои ја погодија утрово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата во изјава за агенцијата КосоваПрес ја потврди портпаролот на косовското Министерство за одбрана, Ибрахим Шаља.

Помош за албанската држава и за настраданите во земјотресот утрово понудија и претседателот на Косово Хашим Тачи и премиерот во оставка Рамуш Харадинај.

Тачи на својот Фејсбук објави дека разговарал со албанскиот премиер Еди Рама, кому му порачал дека Косово е спремно да ѝ помогне на соседната држава да се справи со последиците од земјотресите.

Утрово зборував со премиерот Еди Рама, при што се информирав за состојбата по земотресот што ја погоди Албанија. На премиерот Рама, од името на граѓаните на Косово му изразив најсикрено сочувство за загинатите во земјотресот и му изразив уверување дека Косово целосно ќе ја поддржи Албанија. Соодветните единици на ФСК веќе отпатуваа кон областите погодени од земјотресот, напиша Тачи.

И премиерот во оставка, Харадинај порача дека Косово стои на располагање за секаков вид помош за настраданите.

Со голема вознемиреност ги следам вестите за последователните земјотреси кои ја погодија Албанија и дел од Косово во текот на минатата ноќ. Моите мисли и молитви се со сите граѓани кои настрадаа и со оние кои со нетрпение чекаат вести за нивните блиски. Косово е спремно да им понуди несебична помош на албанскиот народ и на државата за надминување на оваа тешка ситуација. На сите повредени им посакуваме што побргу да закрепнат, а за тие што настрадаа ќе бидеме целосно на располагање, напиша Харадинај.

Својата солидарност со албанската држава и народ ја изразија голем број јавни личности и граѓани на Косово.

Албанија рано утрово ја погодија серија земјотреси во кои, според последните информации, загинаа најмалку  осум лица, а причинети се и големи материјални штети, нарочито во приморскиот град Драч и во околните населени места. Најсилниот потрес, кој се случи нешто пред четири часот утрово, се почувствува во сите соседни држави и пошироко.

0 Коментари

Остави коментари