Еден милион денари за данок на државата од донациите на „Сaпорт Кочани“
Државата нема милост – еден милион денари за данок на државата од донациите на „Сaпорт Кочани“ - наместо да им ги распредели на семејствата овие пари.
Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ соопшти дека е извршена втора распределба од парите од заедничката сметка за донации од близу 11 милиони денари. Во објавената информација на „Супорт Кочани“ се вели дека од вкупната сума од околу 11 милиони денари, околу еден милион денари се за данок на државата. Средствата се распределени на 137 лица во износ од по 71 илјада и 900 денари за секој. Средствата потекнуваат од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ беше формирана со цел да им помогне на настраданите по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од двесте беа повредени. Судењето за пожарот во „Пулс“ ќе започне на 19 ноември во судницата во затворот „Идризово“. Ќе им се суди на 34 обвинети и на три фирми.
Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати, како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.

