Еден месец од трагедијата во Кочани

Еден месец од страшниот пожар во дискотеката на смртта. Еден месец од трагедијата во која бројката на загинати се издигна на 61. И по точно еден месец општина Кочани ќе почне да функционира.

В.д. градоначалникот, Венко Крстевски, денес на неговата прва прес-конференција рече дека состојбата во општината е хаотична, потенцирајќи дека една од неговите први одлуки е од општинскиот Буџет на Кочани да се уплатат 3 милиони денари на Фондот за солидарност на Црвен Крст на Македонија.

Крстевски побара помош од градоначалниците од другите општини за да им дадат инспектори, најави и состанок со Министерството за животна средина за затворање на депонијата во Кочани, која треба да биде регионална, а според него, не се знае ниту дали Комуналното претпријатие има директор или пак валидна му е оставката, но посочи дека катастрофална е состојбата и во Противпожарната бригада, како и дека повеќе проекти се оставени без целосна документација.

Венко Крстевски беше избран како независен советник од Советот на општина Кочани како привремено шестмесечно решение до следните локални избори, откако претходниот градоначалник Љупчо Папазов си поднесе оставка, пред да биде уапсен и притворен по пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ кој однесе 61 живот, меѓу кои и 6 деца.