Еден-два победа за Мерцедес на Спа, Хамилтон чекор поблиску до Шумахер
Foto

Еден-два победа за Мерцедес на Спа, Хамилтон чекор поблиску до Шумахер

Петти пат оваа сезона Луис Хамилтон стартуваше од пол-позицијата и петти пат излезе победник, пред тимскиот колега од Мерцедес, Валтери Ботас на второто место и Макс Ферстапен од Ред бул на третото.

Одлична трка имаа пилотите на Рено, па се подредија на позициите зад подиумот, Рикардо четврти, со дополнителен бод за остварениот најбрз круг, а Окон петти. Од шестото до десеттото место се пласираа Албон, Норис, Гасли, Строл и Перез. Ферари уште еднаш имаше потпросечна трка, со Фетел на 13-тото, а Леклер на 14-тото место.

Доминацијата на Хамилтон и на Ботас не ја наруши ни инцидентот кој се случи во десеттиот круг, кога Џовинаци од Алфа Ромеа излета, а со себе го собра и Расел од Вилијамс, па предизвикаа на патеката да излезе безбедносното возило и да ги размрда позициите. Хамилтон и Ботас се задржаа напред и, иако имаа проблеми со одржувањето на гумите до крајот, стигнаа до втората 1-2 победа за Мерцедес во 2020.

Хамилтон четврти пат во кариерата победи на Спа, а што е поважно, стигна до 89. триумф во кариерата, само два до рекордот на Михаел Шумахер. До следната трка, во Монца, која ќе се вози за седум дена, Хамилтон ќе води во генералниот пласман со 157 бода, пред Ферстапен со 110 и Ботас со 107.

Вчера Хамилтон на трката за Големата награда на Белгија беше убедливо најбрз во квалификациите и ја освои 93. пол позиција во кариерата. Успехот Хамилтон му го посвети на починатиот актер Чедвик Босман кој ја загуби битката со ракот на само 43 години.

0 Коментари

Остави коментари