ДЗСИ ќе иницира постапка за стручен надзор за лекувањето на петгдишното дете на детската клиника
Здравствениот инспекторат утврди недостатоци во медицинската евиденција на петгодишното дете кое почина минатата недела на Детската клиника. Од инспекторатот велат дека на потврдата за смрт наведена е дијагноза менингоенцефалитис, но истиот не е лабораториски потврден. Обдукција не е извршена на барање на родителите.
Забелешки има и за организацијата на клиниката особено во делот на дежурства кога се ангажираат само специјализанти. Од инспекторатот најавија дека ќе бараат и формирање на посебна комисија која ќе изврши стручен надзор врз лекувањето на детето.
„При надзорот констатирани се недостатоци во однос на водењето на медицинската документација, односно во упатите не е наведена работната дијагноза за пациентот, не се пишувани декурзуси од сите доктори, во Историјата за пациентот недостасуваат планови за лекување за што од страна на ДСЗИ ќе биде издадено решение со наредба за водење на евиденција согласно закон. ДСЗИ исто така има забелешки и во однос на организацијата, работата на Клиниката особено во делот на дежурства кога се ангажираат само специјализанти, а за што од страна на ДСЗИ претходно е издадено решение за кое роковите се во тек.“ - ДСЗИ.
Детето на клиниката првпат било донесено на 3-ти октомври, поради главоболка и покачена температура. По прегледот му била дадена терапија и било пуштено дома. По три дена повторно било донесено на Клиниката со температура и овој пат било задржено на болничко лекување, при што било водено од повеќе различни доктори, но по две недели состојбата му се влошува и починува.
Од опозициската ДУИ и денеска побараа одговорност од министерот за здравство Арбен Таравари.
„Во изминатите месеци, здравствениот систем во Македонија доживеа трагични настани кои длабоко ја потресоа јавноста. Необјаснивите загуби на животи на деца во педијатриската клиника се јасен аларм за сериозната состојба во која се наоѓа нашето здравство.“ - ДУИ.
Министерот за здравство пак повика опозицијата да се воздржи од политизирање на вакви случаи.
„Таму каде што имаше феномени можеби на лекарски пропуст ние преземавме чекори. Најмногу се умира во болница, не починуваат луѓето дома. Значи сите тешки пациенти кои што имаат сериозни болести за жал таму е местото каде се лекуваат и, за жал, одредени луѓе починуваат.“ - Арбен Таравари министер за здравство.
Директорот на детската клиника, д-р Реџеп Мемеди за неделава најави прес конференција на која ќе ги соопшти состојбите и статистиките со смртноста, откако претходно обвини за политизирање на работата на детската клиника и борба за директорската фотелја наместо за детските животи.
Ова е трет смртен случај на детската клиника во изминатиов еден месец за кој инспекторатот вршеше вонреден надозр. Претходно на клиниката почина 14-месечно бебе, за што двајца специјалисти се суспендирани од работа и за нив се води дисциплинска постапка.