ДЗСИ и Народен правобранител: Нема недостатоци во надлежностите за здравствениот третман за Бојан Јовановски

Сместувањето и третманот на Бојан Јовановски во притворот во Шутка се на задоволително ниво, констатирал Народниот правобранител кој вчера го посети Јовановски, откако неговиот адвокат обвини за лекарска негрижа и нехуман третман.

Тимовите направиле увид во целокупната документација и утврдиле дека затворот ги почитува пропишаните процедури за третман на притворени лица.

„Сместувањето и третманот во притворското одделение се на задовилително ниво, односно затворот ги почитува пропишаните процедури за третман на лице кое е во притвор. Останува да провериме во Клиниката за гастро, дали се испочитувани протоколите согласно медицина базирана на докази.“ - велат од Народен Правобранител.

Пропусти во лекувањето на Јовановски во затворот не пронајдоа ниту здравствените инспектори кои вчера направија вонреден надзор во ординацијата во Шутка. Јовановски навремено добивал терапија и секогаш кога требало му било пружена лекарска помош, констатирале инспекторите откако извршиле увид во медицинската документација на Јовановски.

За пациентот евидентирани се вкупно 25 прегледи при што се издавани специјалистички и болнички упати. При тоа упатите се давани со претходно медицинско известување до надлежниот суд за добивање на согласност за понатамошно лекување, но во дел од случаите пациентот е пратен со Итна помош до одредена здравствена установа во интерес на побрзо добивање здравствена услуга, за што постои уредна евиденција.“ - велат од Државен здравствен и санитарен инспекторат.

Адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски денеска не ги искоментира наодите на институциите. Тој пред два дена изјави дека Јовановски бил во животозагрозувачка состојба, а дека никој од лекарите не сакал да преземе одговорност и да го хоспитализира.

Бојан Јовановски е обвинет во случајот „Рекет“ за перење пари и примање награда за противзаконито влијание. Јовановски од јули е во притворот во Шутка.