ДЗСИ: Детска клиника мора да ги регулира дежурствата
Универзитетската клиника за детски болести има рок од здравствениот инспекторат до утре да ги регулира дежурствата на лекарите, откако во два наврати беше утврдено дека се оставаат специјализанти сами да дежураат, без специјалист.
Според законот за здравствена заштита, специјализантите можат да вршат определени работи во укажување здравствената заштита од областа од која специјализираат, но само под надзор на ментор.
Првиот човек на здравствениот инспекторат вели дека менаџментот мора да го регулира овој проблем.
„Решението е издадено во однос на работата во делот на дежурање во делот на работа на специјализантите и псотарите и помладите специјалисти коишто треба да бидат нивна поддршка. Детската клиника треба да си го регулира тој момент односно при работата на специјализант секогаш треба да има во најмала рака помлад специјалист којшто треба да биде заедно во делот на работењето.“ - Д-р Кирил Лазов директор на ДЗСИ.
Министерот за здравство пак вели дека сето ова се должи на недостигот од специјалисти. Таравари се правда дека станува збор за хроничен проблем, кој не може веднаш да се реши, но очекува да се амортизира со веќе најавеното вработување на 300 лекари до крајот на годинава, за што тврди дека во тек се процедурите.
Дестката клиника беше под вонреден надзор од страна на инспекторатот за три смртни случаи на деца, при што во едниот случај, кај четиринаесет месечното бебе - беа утврдени и стручни пропусти, за што двајца лекари се суспендирани од работа. Во меѓувреме стручна комисија го испитува и лекувањето на петгодишното девојче кое пред неколку дена почина од воспаление на мозокот.
Директорот на клиниката пак обвини за политизација на случувањата и борба за директорската фотелја на сметка на пациентите за што најави и прес конференција за утре на која ќе информира за состојбите на клиниката.