ДЗС: Алармантна состојбата со пожарите во земјава
Алармантна е состојбата со пожарите во земјава – и покрај апелите за агилност на инспекциските и копнените служби задолжени за водење превенција и контрола, ситуацијата не се смирува, посочуваат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Пожари во овој период од годината не се паметат последниве децении, се вели во соопштението од ДЗС. Денеска со два авиони исфрлени се 35 тони вода на пожарот во близина на селата Матејче и Никуштак во општина Липково.
Од ДЗС повикуваат за крајна совесност кај населението и веднаш да се престане со палење на ливади, трева и стрништа додека не настане катастрофа од огромен размер, која би вклучила и човечки жртви. Противпожарните единици се на терен постојано а само денеска биле активни 11 пожари. Во моментов екипите се справуваат со пожар во село Кадино.