ДЗР со извештај за злоупотреби на градба на фотоволтаична централа

Значителни слабости во системот за издавање дозволи за изградба на фотоволтаични електрани во периодот од 2022 до мај 2025 година, утврдил Државниот завод за ревизија. Системот не обезбедил целосна законска усогласеност, навремено планирање и координирано постапување на надлежните институции, како и ефикасен надзор над изградбата и работата на електраните, утврдил ревизорот.

Државен завод за ревизија: „До мај 2025 година не бил донесен Индикативниот план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој требало да биде основа за планирање на новите капацитети и нивното приклучување кон електроенергетскиот систем“.

Ревизорите констатирале и случаи во кои одобренија за изградба на големи фотоволтаични електрани биле издадени од општини, иако станувало збор за градби од државно значење за кои биле надлежни Министерството и Владата. Биле утврдени неусогласени податоци за моќноста на електраните во документацијата, различен третман на инвеститорите, како и случаи на издадени две одобренија за една градежна парцела врз основа на ист урбанистички извод.

Државен завод за ревизија: „Целосно отсуствувал надзор над примената на дел од одредбите од Законот за енергетика од страна на општините, додека инспекциските надзори над техничката опрема во фотоволтаичните електрани биле малубројни“.

Ревизијата покажала и дека не се создадени услови за ефикасен мониторинг поради нецелосен и неусогласен Регистар на електроцентрали. ДЗР укажува дека е потребно навремено донесување на подзаконските акти и воспоставување ефикасен надзор и мониторинг.