ДЗР: Потрошени стотици милиони евра, а на националниот гасовод не му се гледа крајот
И после 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив не се ставени во употреба, а потрошени се стотици милиони евра, констатираше Државниот завод за ревизија.
Во најновиот ревизорски извештај стои дека бавната гасификација е ризик за нерационално трошење на јавните средства, но утврдени се и слабости во следењето на реализацијата на договорите за изградба, како и во начинот на одржување на гасоводната мрежа.
„Во периодот од 2014 до 2023 година за изградбата на магистралните гасоводи ЛОТ1-61 km (Клечовци- БС5 изграден), ЛОТ 1 – 36 km (БС5 – Неготино со ГМРС Изградена гасоводна мрежа Штип и ГМРС Неготино), ЛОТ 2 (Неготино (Кавадарци) – Битола) и ЛОТ 5 (км Гостивар-Кичево, Одобрение за градење) склучени се договори и анекси кон договорите, како и договори за непредвидени и дополнителни работи во вкупен износ од приближно 156,4 милиони евра. Најголем дел од нив иако се изградени сѐ уште не се ставени во употреба.“ - велат од ДЗР.
Директорот на Националните енергетски ресурси, Бајрам Реџепи за ТВ 24 пак тврди дека изградбата на сите делници е завршена, а констатираното пролонгирање на роковите се должи на постапката за експопријација, која како што тврди Реџепи е започната со скоро 2 години задоцнување, но и од бавното решавање на постапките во управата за имотно-правни работи, посебно во времето на кризата со пандемијата.
- Потрошувачката на природен гас во нашата држава е околу 380 милиони м3 годишно. Поголемиот дел се троши за производство на електрична, и топлинска енергија и помал дел во индустријата и домаќинствата во Куманово и Струмица. Масовното користење на природниот гас кај домаќинствата ќе биде во зависност од развојот на дистрибутивната мрежа во општините. Развојот на дистрибутивната мрежа се планира да биде со јавно приватно партнерство. - вели Бајрам Реџепи, директор на НЕР.
Инаку, процесот на планирање на гасификацијата на територијата на целата држава е отпочнат во 2010 година, а нејзината имплементацијата е започната после пет години и се очекува истата да ги намали трошоците за енергија како на граѓаните така и на фирмите, со што би се постигнало добивање на поевтин енергенс, пониски трошоци, поврзување со соседните држави, но и поголема конкурентност на стопанството на странските пазари. Сепак, засега на овој капитален проект сè уште не му се гледа крајот.