ДЗР: Никој не врши инспекциски надзор во градежништвото
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам веќе осма година се раководи од вршител на должност директор, иако законски функцијата може да се врши само шест месеци. Последниот редовен директор се пензионирал на крајот на 2025 година, констатирал Државен завод за ревизија во извештајот за 2024 година. Ревизорите исто така забележале дека во инспекторатот недостасува доволен број инспектори, а како една од причините е наведено тоа што Министерството за финансии не дало согласност за нови вработувања, иако постои реална потреба. Уште покритична е состојбата во секторот за градежништво каде инспекцискиот надзор го извршувал само еден инспектор кој лани се стекнал со право на старосна пензија. Ревизијата предупредува дека со неговото повлекување, инспекторатот ќе остане без ниту еден градежен инспектор.
„До моментот на вршење на ревизијата, функцијата директор ја обавуваат вршители на должност назначени со решенија од Владата, и тоа за периоди подолги од шест месеци, со што се создава ризик за ефективно раководење. Од извршените инспекциски надзори, ревизијата утврди дека од систематизирани 19 работни места за инспектори, во 2024 година спроведувањето на инспекциски надзор го вршат 5 инспектори: 3 во областа на градежништвото, од кои едно работно место – градежен инспектор – од август 2024 година е ставено во мирување, и 2 во областа на урбанизмот. Во моментот на вршење на ревизијата, инспекцискиот надзор во областа на градежништвото се спроведува од страна на 1 инспектор, кој до крајот на 2025 година стекнува право на старосна пензија, со што ДИГУ останува без градежни инспектори и без можност за спроведување на надзор во областа на градежништвото.“
Дополнително, ревизијата утврдила несоодветна организација на инспекцискиот надзор во областа на урбанизмот, како и недоставување шестмесечни извештаи со податоци за постапувањето по претставки и предлози од граѓаните.
„Со увид во 17 предмети за извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, кај 6 предмети се утврдени неправилности кои се однесуваат на бесправно изградени објекти. До моментот на вршење на ревизијата, општините постапиле само по 4 предмети, а за еден предмет поради непреземени мерки од страна на овластениот градежен инспектор истиот е доставен до МВР за понатамошно постапување“, се наведува во извештајот.
Покрај овие неправилности, ревизорите забележале и слабости во процесот на вршење попис на средства и нивните извори, како и недостатоци во процесот на пресметка и исплата на плати.

