ДЗР: Недостатоците во регулативата, недоволни човечки ресурси и недоволно преземени активности го ограничуваат фискалниот капацитет на ЕЛС
Недостатоците во законската регулатива, недоволните човечки ресурси и слабиот фискален напор значително го ограничуваат фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС), покажува ревизијата на успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР) за периодот 2020–2024 година.
Ревизијата, изработена во рамки на Годишната програма за работа за 2025 година, ја анализирала ефикасноста на мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци. Заклучокот е дека постојните мерките и политиките на надлежните органи и ЕЛС не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци.
Според наодите, во периодот 2020–2024 година општините акумулирале 2,93 милијарди денари ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци, додека отпишале побарувања во вредност од 233,9 милиони денари. Најголем дел од ненаплатените средства се од данок на имот – 1,73 милијарди денари, од кои 67 проценти се постари од пет години, што, според ревизорите, укажува на слаб фискален напор.
ДЗР констатира дека постојната законска рамка има сериозни слабости. Регистарот на недвижен имот не се ажурира по службена должност, роковите за плаќање на даночните решенија не се прецизно утврдени, не е регулирана нивната достава, а постојат и ограничувања за ревизија на пазарната вредност на имотот.
Дополнителен проблем претставува застарената методологија за проценка на вредноста на објектите, која не ги опфаќа новите видови градби и материјали, а користи цени што не ја одразуваат реалната пазарна вредност. Само 15 општини спровеле ревизија на пазарната вредност на имотот, што создава нееднаква примена на прописите.
Ревизијата утврдува и сериозни слабости во администрирањето на комуналните такси. Во многу случаи тие се наплатуваат без издадени решенија и без воспоставен регистар на обврзници. Само три од осумте законски предвидени комунални такси се администрираат во повеќе од половина од општините.

