ДЗР: Додаток за прилагодување на пазар на труд не се исплаќа во ниту една државна институција

Додаток за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, а додаток за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР). Констатирал и дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, а модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Укажува да се преиспитаат законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување  како и да се усогласи Законот за административни службеници со Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на утврдување на платата.

Со ревизијата на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати на административните службеници во Република Северна Македонија“  што ја објави денеска ДЗР биле опфатени платите и додатоците на плати на административните службеници за период од 2021 до 2023 година во 14 министерства и 22 институции, меѓу кои и институции каде определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници се регулирани со посебни закони.

Констатирано е дека Владата продолжува со реорганизација на јавните институции и засилување на нивниот капацитет заради воспоставување на унифициран и кохерентен систем на плати во јавниот сектор, преку изработка на стратегии за реформа на јавната администрација и нови законски предлози, но од страна на Собранието се уште не се донесени.

Во однос на плановите за вработување со кои институциите ги планираат потребните годишни вработувања констатирано е дека не се донесени во законски утврдените рокови, што влијае на степенот на реализација на вработувањата. Во 2021 година реализирани се само 19,5 проценти од вкупно планираните вработувања, додека во 2022 година реализирани се само 16 проценти.