Џафери: Роковите за избори мора да се запазат, партиите да се договорат до Нова година и да известат

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги повика политичките партии навреме да се договорат за термините на претседателските и парламентарните избори идната година во рамките на законските рокови.

До Нова Година партиите треба да постигнат консензус по однос на претседателските избори. За парламентарните избори, според Џафери, важат други процедури и рокови. Тој на брифинг со новинарите информираше за можните датуми за распишување на изборите, како и за роковите.

- Претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат. За да се запазат 60 дена, претседателските избори најрано може да бидат на 14 март и најдоцна на 5, односно на 8 мај. - Џафери за можни датуми.

Изборите ги распишува претседателот на Собранието и од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето рокот да не е помалку од 70 дена и повеќе од 90 дена. Можни датуми за претседателски избори во прв круг на 14 март, 28 март, 11 април, 25 април. Во втор круг можни датуми се : 28 март, 11 април, 25 април и 8 мај.

Инаугурацијата на претседателот на државата треба да биде на 12 мај 2024 година. Според собранискиот спикер Џафери 8 мај е и единствениот датум на кој може да има двојни избори во редовниот термин. 

„Ако вториот круг од претседателските биде на 8 мај, можно е да останеме без претседател на државата ако има жалбени постапки, односно ако има прегласување на неколку гласачки места кои би влијаеле на резултатот на изборите“, вели собранискиот спикер.

Што се однесува до роковите за парламентраните избори  кои се одржуваат во 90 дена од тековниот мандат на пратениците кој завршува на 4 август се најрано на 5 мај и најдоцна на 15 јули за да се овозможи конституирање на Собранието во рамки на Уставот, најдоцна 20, односно 21 ден од гласањето.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повторно го повика премиерот Димитар Ковачевски да одбере еден датум и за претседателски и за парламентарни избори. Мицкоски уште еднаш го повтори ставот дека нема да има уставни измени под бугарски диктат.

Наспроти тезите на опозицијата дека и финансиски е најизводливо да се вклопат вториот круг од претседателските и парламентарни избори на 8 мај собранискиот спикер Џафери пак денеска со контра теза дека поскапа опција би била нефункционални и непополнети институции што пак државата би ја чинело многу поскапо.