Џафери ќе ја води конститутивната седница
Foto

Џафери ќе ја води конститутивната седница

Македонија утре добива нов Парламент, со нови корона правила. Собранискиот спикер Талат Џафери денеска излезе од инфективна, каде неодамна беше хоспитализиран поради пневмонија и смета дека е спремен за работа.

Тој за МИА изјави дека е во добра состојба и утре повторно ќе седне на собраниското столче за да ја води првата Конститутивна седница која ќе почне во 12 часот. 

- Се чувствувам добро и мислам дека веќе е извесно дека јас ќе претседавам со конститутивната седница утре.  изјави Џафери.

Сепак, новата реалност во која се наоѓаме, не само што донесе нови протоколи, туку и стари начини за работа. Место во сала Македонија, седницата ќе се води во Големата сала, позната на јавноста како Голема купола, каде има место за 600 лица, а на соодветна дистанца, со маски, пратениците место електронски ќе креваат картончиња за гласање. 

На дневниот ред има четири точки: Избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието; верификација на мандатите на пратениците; избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици во собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата; и избор на претседател на Собранието. 

Сепак, веројатноста утре да биде избран нов претседател на парламентот е многу мала , зашто тоа ќе значи дека е формирано владиното мнозинство, процес кој формално ќе започне утре. 

Во меѓувреме утре, на 120те пратеници, поканетите гости и медиумските работници на влезот од Собранието ќе им се мери телесна температура, а во текот на денот ќе бидат дезинфицирани сите простории каде се предвидени активности. 

Поканети се претседателот Пендаровски, премиерот Спасовски и министрите, лидерите на политичките партии застапени во Собранието, поранешните претседатели на државата, претседателите на Уставен и Врховен суд, на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, претседателите на МАНУ, ДИК, претставници на верските заедници и дипломатскиот кор во земјата. Сите тие седницата ќе ја следат од пленарната сала каде исто така ќе биде обезбедена дистанца. За медиумите пак, ќе биде обезбедено место во медија центарот, а по завршувањето на седницата изјави ќе има во Кристалната сала со соодветни технички услови и обезбедена дистанца. 

Според Уставот Пендаровски има рок од 10 дена да го доели мандатот, а потоа мандатарот има рок од 20 дена да формира влада. Она што засега е јасно дека ниту една партија сама го нема потребното мнозинство, иако и две македонски партии  СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека  ќе се обидат да направат мнозинство за формирање влада 

0 Коментари

Остави коментари