Џафери: Анкетна комисија не може да разгледа прашања кои се во надлежност на истражните органи

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека се уште е рано да се формира анкетна комисија за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица. Џафери порача дека најпрво треба да се почека да заврши истрагата, па потоа во процесот да се вклучи и Собранието. 

Опозицијата претходно поднесе барање до Собранието за формирање на анкетна комисија за овој случај, но спикерот Талат Џафери ја врати иницијативата како неуредна затоа што не е во согласност со амандманот 33 од Уставот, кој произлегува од Преспанскиот договор, односно предвидува дека уставното име на земјава е Република Северна Македонија. По ова, од ВМРО-ДПМНЕ, најавија дека ќе биде поднесено и ново барање, во кое ќе биде употребена и придавката „Северна“.

Во врска пак со денешниот став на Џафери, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за ТВ24 вели дека анкетната комисија нема никаква поврзаност со истрагата за пожарот и дека целта на ова барање на опозицијата е да се утврди политичка одговорност.  

Блокадата во работата на Собранието според Џафери се должи на неработењето на собраниските комисии, каде се заглавени и закони кои треба да бидат усвоени на пленарна седница. Џафери објаснува дека Комисијата се става над пленарната седница и Собранието не може да ги извршува своите надлежности поради однесувањето на претседателите на комисиите, па поради ова смета дека во новиот деловник за работа би требало да се надминат овие пропусти, со тоа што доколку во законски утврдениот рок не помине одреден закон на матичната комисија, истиот да се најде на пленарна седница на усвојување.