Двојно убиство во Прилеп, уште двајца се тешко повредени

Кога утрово околу 8 часот некој заѕвонил на вратата на семејната куќа на Костоски, на улицата „Александар Македонски“ во Прилеп, домаќините помислиле дека им стигнале гости од Белград, за утрешната крштевка која требало да ја прават. Вратата ја отворила 63 - годишната Трајанка. Од прагот ја пречекал куршум в глава. 

Нејзиниот поранешен зет, 50 годишниот Никола Петрески ја почнал својата грозоморна намера. Веднаш потоа ја убил и својата поранешна сопруга, 40 годишната Александра. Го ранил и поранешниот шура Љупчо, но тој успеал да го совлада и да му нанесе неколку удари на убиецот. Сето тоа се случувало пред очите на 10 годишниот син на Александра и на нејзиниот татко. 

Набргу потоа пристигнала полицијата и ја затекнала ужасната глетка, на подот лежеле мртви мајката и ќерката, а нивниот син и убиецот биле тешко повредени. Сега и двајцата се во прилепската болница. Иако со повреди од огнено оружје, Љупчо Костоски е стабилен и е надвор од животна опасност. На апарати за дишење е осомничениот убиец, 50 годишниот Никола Петрески.

Двојното убиство ги потресе прилепчани. Никој од соседите не очекувал вакво нешто. Раскажуваат дека убиената Трајанка и нејзиниот сопруг живееле сами во куќата. Нивната ќерка Александра била разведена од Никола, но не знаеле каде живеела. Пред извесно време, од Америка се вратил нивниот син Љупчо, кој утре требало да прави крштевка за своето дете. 

10 годишното дете е преземено од социјалните работници. Осомничениот за убиството во болница го чува полицијата. Увидот, но и исказите на сведоците треба да го откријат мотивот за двојното убиство во Прилеп.