Двојазичноста во МВР на хартија звучи реално, но во пракса ќе создаде проблеми
Foto

Двојазичноста во МВР на хартија звучи реално, но во пракса ќе создаде проблеми

Употребата на јазиците различни од македонскиот во полицијата на хартија звучи реално но во пракса ќе создаде проблеми во функционирањето на единиците на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Ситуацијата може дополнително да се усложни и поради строгата хиерахиска поставеност на командата во МВР, предупредуваат експертите откако вчера 

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу потпиша акт според кој во иднина униформите на полицајците ќе бидат испишани на македонски и на албански јазик. 

Пензионираниот професор Љубомир Ѓурчевски вели дека вака регулираната употреба на јазиците во пракса ќе доведе до неефикасна полиција која не ќе може да одговори на своите задачи особено делот на командата како што е обезбедување на протести, државни институции, обезбедување на спортски настани или пак функционери и други ВИП личности. За Ѓурчевски не е спорна употребата на јазиците различни од македонскиот само во делови од полицијата кои што потпаѓаат под власт на општините. За сите други, вели тој мора да постои унифицираност во командата и особено во истакнувањето на амблемите на униформите. 

Од Бирото за јавна безбедност за ТВ 24 велат дека во тек е постапката за усогласување на подзаконските акти со Законот за употреба на јазиците во полицијата. Во БЈБ се' уште чекаат да биде донесена Уредбата од страна на Владата.  Сепак, велат од таму треба да се има во предвид дека во МВР постојат и единици кои дејстуваат на територијата на целата држава. 

„Во МВР има единици кои дејстуваат на територија на цела држава и тие се директно под надлежност на директорот на Бирото за јавна безбедност. Оттука на униформите на таквите единици не може да има амблем или ознака на еден град или на една општина. Со оглед на тоа што ваквите единици не се ограничени на една територија тогаш тие не можат да бидат врзани со челнот 8 од Законот за употреба на јазиците кој ја регулира употребата на јазиците во полицијата.“ - велат од БЈБ.

И додека експертите и надлежните објаснуваат и предупредуваат за можните пречки во употребата на Законот за јазици во полицијата, извори од МВР за ТВ 24 велат дека во комисијата нема целосна усогласеност како треба во пракса да се употребуваат јазиците различни од македонскиот. Различните мислења, вели изворот се однесуваат на организационите единици што делуваат на територијата на цела држава како што се Единицата за брзо распоредување или пак Единицата за специјални задачи. Дел од членовите сметаат дека за овие единици не треба да има двојазични униформи другиот дел пак мислат дека двојазичните униформи треба да се носат на територијата на целата држава.  

Според Законот за употреба на јазиците од 2019 година на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо. Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо. Сите надлежни институции се обврзани во рок од една година да ги донесат подзаконските акти за спроведување на Законот за употреба на јазиците. 

За тоа како Законот за јазици ќе биде применуван во рамките на полицијата последниот збор го има Владата.

0 Коментари

Остави коментари