Две недели не работат операционите сали на хирургија, надлежните се препукуваат кој е виновен
На клиниките и натаму хаос, операции нема, а итните пациенти се препраќаат во другите болници. До кога ќе трае ваквата ситуација, колку операции се откажуваат, како ќе се надомести листата на чекање, како ќе се одрази сето ова врз здравјето на пациентите.
Ова се само дел од прашањата што остануваат да лебдат. Пациентите загрижени за ваквите состојби во здравството.
Од службата за оптши и заеднички работи велат дека се врши вонредна контрола врз компресорската станица, но тие се уверени дека проблемот не е оттаму. Министерот за здравство, Илир Демири само кусо вели дека е во исчекување на резултатите од испитувањата во Германија, но без да прецизира повеќе детали.
И по повеќе од две недели, информации нема ниту од јавното обвинителство кое треба да соопшти дали утврдиле елементи на кривично дело во случајот и дали ќе се поведе кривична постапка против некого.
Во меѓувреме и денеска реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде порачуваат дека одговорност за хаосот на Хирургија ќе има.
- Министерот за здравство Илир Демири и заменик министерката Маја Манолева треба да кажат дали затоа што на време не направиле санација од 120.000 евра сега се блокирани 12 оддели на Хирургија и цел здравствен систем е во хаос? Зошто милиони се одвојуваа за матни тендери, се местеа провизии за вакцини од десетици милиони евра, се крадеше на терапии за рак, а не се најдоа 120.000 евра за санација на Хирургија? - прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Капацитетите веќе се полнат и во хируршките одделенија во болниците „Осми септември“ и „Св Наум Охридски“ каде се преземаат итните пациенти. Менаџерите велат дека засега ги покриваат сите итни пациенти, но ги загрижува тоа што нема најава за брза санација на проблемот на клинички.

