Две лица починаа во кина од мистериозната вирусна пневмонија, македонските здравствени власти смируваат
Foto

Две лица починаа во кина од мистериозната вирусна пневмонија, македонските здравствени власти смируваат

Уште едно лице почина од новата вирусна пневмонија, која се појави Кина, соопштија кинеските здравствените власти. Како што пренесуваат странските агенции, оваа пневмонија предизвикува страв од повторно појавување на заразниот вирус САРС (тежок акутен респираторен синдром), од кој во 2002 и 2003 година во Кина и Хонг Конг починаа 650 лица. Два случаи заболени од овој вирус се откриени и во Тајланд и Јапонија, чии власти велат дека пациентите биле во Вухан пред да бидат хоспитализирани.Според најновите информации, во Кина се пријавени најмалку 40 пациенти, меѓу кои пет се во сериозна состојба. Новиот вирус го вклучи алармот и во Македонија. Иако засега нема регистрирани случаи кај нас, епидемиолозите не ја исклучуваат можноста за ширење на заразата и во земјава. Здравствените власти ќе набават и реагенси за детектирање на вирусот.

„До овој момент се цени дека можноста за проширување на болеста е на многу ниско ниво иако не се исклучува појава на импортирани случаи во која било земја. Адекватно на оваа ситуација направивме напори и отворивме стандардни постапки и подготовка на документација за набавка на новите дијагностикуми, за дијагностика на новиот корона вирус бидејќи светската лабораториска мрежа за вакви итни или заканувачки вируси веќе понудија земјите да можат да си набават вакви реагенси за дијагностика на овие вируси.“ - изјави Д-р Гордана Кузмановска - ИЈЗ.

Светската здравствена организација испрати препораки до болниците низ светот на кој начин да се детектира и како да се постапи доколку некој го поседува вирусот. Засега СЗО не препорачува некакви специфични мерки за патниците. Сепак во случај на појава на симптоми кои сугерираат на респираторно заболување, било во тек или после патувањето, патниците се советуваат да побараат медицинска помош и да споделат информации за патувањето со здравствениот работник.

Според кинеските здравствени власти заедничко за сите заболени било тоа што купувале намирници од пазар за морска храна, каде покрај риби се продавале и други живи животни, што укажува на тоа дека вирусот можел да се пренесе на луѓето од животните. Заболените имале симптоми на висока температура, треска и тешкотии во дишењето.

0 Коментари

Остави коментари