Две години од војната во Газа, илјадници починати од глад
Индиректните преговори насочени кон постигнување конечен договор за мировниот план на САД за завршување на војната во Газа кои почнаа вчера во египетското одморалиште Шарм ел Шеик продолжуваат и денеска.
Навистина мислам дека ќе имаме договор, оптимист е американскиот претседател Доналд Трамп.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Имаме многу добри шанси да постигнеме договор и тоа ќе биде траен договор“.
Палестински и египетски претставници изјавија дека состаноците имале за цел „создавање услови“ за можна размена што би вклучувала ослободување на сите израелски заложници во замена за одреден број палестински затвореници. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека се надева дека ќе може да го објави ослободувањето на заложниците „во наредните денови“.
Хамас, од друга страна, вели дека делумно ги прифаќа предлозите од мировниот план, но не одговори на неколку клучни барања - вклучувајќи разоружување и немешање во идното управување со Газа. На вториот ден од разговорите, египетските и катарските претставници се на посреднички состаноци со израелските и делегациите на Хамас, токму на втората годишнина од нападот на Хамас врз јужен Израел, во кој загинаа околу 1.200 луѓе. Во изјава по повод годишнината, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, рече дека планот на Трамп треба да се искористи.
Антонио Гутереш – генерален секретар на ОН
„Планот на Трамп претставува можност која мора да се искористи за да се стави крај на овој трагичен конфликт“.
Висок израелски безбедносен извор вели дека разговорите првично ќе се фокусираат исклучиво на ослободувањето на заложниците и дека на Хамас ќе му бидат дадени неколку дена за да ја заврши таа фаза. Палестински функционер изјави дека првата сесија завршила доцна синоќа и дека новите разговори ќе продолжат денеска. Дел од медиумите објавија дека првиот ден завршил „во позитивна атмосфера“.
Планот на Трамп од 23 точки, за кој се согласи и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, повикува на итно прекинување на борбите и ослободување на 48 заложници, од кои се верува дека се живи само 20, во замена за стотици палестински затвореници од Газа. Планот предвидува, откако двете страни ќе го прифатат предлогот, целосна хуманитарна помош веднаш ќе биде испратена во Појасот Газа. Исто така, се наведува дека Хамас нема да има никаква улога во управувањето со Газа, но се остава отворена можноста за формирање на идна палестинска држава.

