Две години од страшната автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица
Две години од кобната автобуска несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија. Во автобус на „Беса транс“ загинаа 45 македонски државјани од кои 12 деца, а седум лица беа повредени. Семејствата на жртвите ја бараат правдата, а овој случај се уште нема судска разрешница.
Последното рочиште се одржа пред една недела и беше сослушан сведок на предлог на одбраната. Исказ даде поранешен возач во „Беса Транс“ кој зборуваше за неговото искуство во управувањето на автобусите од оваа компанија. Тој тврдеше дека автобусите секогаш биле технички исправни и ги проверувале пред секое тргнување и немало проблеми со лиценците за управување..
Овој судски процес продолжува на 1.12., а во овој случај обвинети се едно физичко лице, односно 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, како и правното лице..
Во обвинителниот предлог се наведува дека во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот преку изготвената лажна јавна исправа, управителот им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница.
Па така 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини. Процесот го води судијата Ивица Стефановски, застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски.

