Двајца поранешни претседатели на ФФМ осомничени за проневера на над 180 милиони денари

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бара притвор за осум лица и мерки за претпазливост за четири лица, во врска со истражната постапка против 18 физички и осум правни лица за „проневера во службата“ од околу 3 милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија.

Пет од 18 лица не се достапни, но надлежниот обвинител Фатон Азизи смета дека дел од нив се во блиско опкружување и ќе го кажат нивниот став и теорија. 

Во постапката опфатени се поранешните претседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Мухамед Сејдини, како и поранешната сметководителка на федерацијата Олгица Младеноска кои се сомничат за сторено кривично дело „Проневера во службата“. Управителите на правните лица се сомничат за помагање на делото и по едно дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Станува збор за дејствија во период од 2015-2019 година, каде првоосмничениот и второсомничениот имаат потпишано 728 платни налози доставени од третоосмничената за потпис и реализација.

Фатон Азизи-обвинител од ОЈОГОКК

„Преку незаконски уплатени парични средства за услуги кои никогаш ФФМ не ги добила од правните лица и за стоки кои никогаш не влегле во ФФМ-нанесена е штета од големи размери во износ од 180 милиони денари или околу 3 милиони евра. Денеска, до судот доставивме предлози за определување на мерки притвор за осум лица и четири предлози за определување мерки на претпазливост против четворица осомничени.“               

Во врска со осомничените правни лица, обвинителот посочи дека сите субјекти во поголемиот дел имаат соработка со ФФМ, но дел од паричните средства  кои ги имале добиено на незаконит начин ги имаат вметнато преку третоосмничената за истите да бидат потпишани од страна на претпоставените лицата, односно претседателите на ФФМ.

Фатон Азизи-обвинител од ОЈОГОКК

„Обезбедивме докази во текот на предистражната постапка дека тие услуги за кои се издадени фактури, никогаш не стигнале до Фудбалска федерација на Македонија. Имаме и произнесување од претставникот на ФФМ, како по однос на услугите и стоките така и по однос на висината на штетата што е направена.“  

Вчера, беше приведен Илчо Ѓоргиоски кој беше на чело на ФФМ во период од 2012-2019 година. Претходно, на 23 април годинава се отвори истрага против поранешниот претседател на ФФМ Мухамед Сејдини, под сомнение за проневера и злоупотреба на оклу 700.000 евра пари добиени од УЕФА, пари наменети за градежни работи на стадионот во Охрид. Сејдини беше на чело на ФФМ од  2019 до 2025година, а во февруари годинава, беше суспендиран од Федерацијата.