Двајца лекари од штипската клиничка болница се степале во операциона сала
Наместо оперативен зафат, физичка пресметка во операциона сала. Двајца лекари вчера попладне се степале во штипската Клиничка болница. Информацијата ја потврдија и од Секторот за внатрешни работи Штип, каде настанот бил пријавен вчера во 12:45 минути.
- На 05.02.2025 во 12.45 часот во СВР Штип, Н.Т. од Штип пријавил дека на работното место во операциона сала во Клиничка болница Штип бил физички нападнат од неговиот колега З.Ш., на што возвратил. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава. - СВР Штип.
Денес од Клиничката болница во писмено соопштение за настанот информираат дека веќе е поведена дисциплинска постапка за двајцата вработени.
- Во текот на вчерашниот ден околу 12:30 часот во работните простории на Клиничка болница - Штип дојде до нарушување на работниот ред со физичка пресметка помеѓу двајца вработени. - ЈЗУ КБ-ШТИП.
Во текот на денешниот ден, од страна на надлежните од Болницата случајот е пријавен во СВР-Штип и е поведена дисциплинска постапка за двајцата вработени.
Сепак, засега останува отворено прашањето дали имало пациент на операционата маса додека двајцата лекари си ги одмерувале силите. Инаку, за тоа која е причината за ваквиот физички инцидент сè уште нема официјална информација.