Двајца 14-годишници од Скопје ги испраќале лажните дојави за бомби во училиштата

Двајца малолетници од Скопје на возраст од 14 години стојат  зад лажните дојави за бомби во две училишта во Скопје. Од МВР  информираат дека  тие првата дојава ја испраиле на 19 февруари од мобилниот телефон во сопственост на еден од нив на имејл, на кој пишувало  дека во две училишта во Скопје е поставена бомба.  

Потоа на 21 февруари тие повторно испратиле порака за поставена бомба исто така во две училишта, но овој пат од мобилниот на другиот од нив.

МВР: „По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал, утврдено е ИМЕИ на мобилниот уред користен од страна на корисничкиот имејл од каде се пратени пораките, а кое ИМЕИ било поврзано до услугите на Гугл (Google) на 21.02.2025 од Ај-Пи адреса од телекомуникациски оператор од Република Северна Македонија“ 

Малолетниците  на 25 февруари биле повикани во полициската станица  во Чаир, бил извршен разговор во кој го признале и го објасниле  делото и истите ќе бидат пријавени за случајот.

Случајот со двајцата малолетници, според соопштението на МВР, не е поврзан со оној од 7 февруари, кога поголем број училишта низ целата  држава добија заканувачки имејл-пораки за поставени експлозивни направи. По спроведените проверки, полицијата утврди дека и тие дојави биле лажни. Тогаш од МВР соопштија дека само тој ден до училиштата стигнале над 240 лажни дојави за наводно поставани бомби.