Два нови пожара - во Богословец во Светиниколско и во Лешани, Охридско
Foto

Два нови пожара - во Богословец во Светиниколско и во Лешани, Охридско

Богословец во Светиниколско каде се изгорени четири куќи и село Лешани во Дебарца, Охридско, моментно се двете најнови жаришта. На овие места попладнево избувнале пожари, а во гасењето се вклучени пожарникари, месно население и припадници на Шумското стопанство.

Како што соопштија денеска на прес-конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и неговите соработници, засега не може да се каже точната бројка на пожарите во земјава, зашто се менува од минута во минута. Се дејствува со сите расположливи сили и ресурси, но временските услови ја усложнуваат ситуацијата и го отежнуваат пристапот.

Само во Кумановско за неполн час се пријавени нови седум пожари. Причина за ваквата алармантна состојба се високите температури и силниот ветер. Во Скопје, пак, се активни 18 пожари од кои три се најкритични, во Кучково кон Горно Свиларе, меѓу Добри Дол и Ракотинци во Сопиште, како и во Горно Блаце.

На терен моментно се околу 300 војници од Армијата. Дејствуваат три хеликоптери од Србија, а вкупно се четири на располагање, три за гасење и еден за извидување. Од Бугарија се дојдени 25 пожарникари со 11 возила, од Словенија 40 пожарникари со 16 возила и од Австрија се очекуваат 120 пожарникари со 40 возила. Австриската извидница е веќе кај Пехчево, Берово, Делчево, во пијанечкиот регион, каде бугарските служби дејствуваат. Се бара поддршка и со воздухоплови, но секаде има пожари.

0 Коментари

Остави коментари