Два месеца нема терапија за дел од пациентите на онкологија

Веќе два месеци нема три лекови за третирање на онколошките пациенти. Два за пациентките со рак на дојка и еден лек за имунотерапија што се користи за различни малигни заболувања.

Онколошки пациент кој сакаше да остане анонимен за Телевизија 24 алармира дека одложувањето на терапијата е висок ризик за напредок на болеста.

- Палбоциклиб, Фазлодекс и Николумаб нема веќе два месеци. Овие лекови припаѓаат на различни групи на современа онколошка терапија. Додека првите два често се користат заедно за лекување на специфичен тип на рак на дојка, третиот вид е имунотерапија што се користи за широк спектар на малигни заболувања. Долгото одложување се смета за висок ризик бидејќи му дава шанса на тумурот да напредува. 

Луѓето со малигни заболувања за недостигот на лекови реагираат и преку социјалните мрежи. Бараат час поскоро да им биде обезбедена терапијата со цел процесот на лечење да не запира.

Дали некој знае дали има стигнато Фазлодекс, хемо терапијата ја нема цел месец.

Денес се вратени пациенти за немање лек имунотерапија. Ќе биле известени телефонски пациентите. Имате ли искуство како изгледа тоа? Колку време поминува, за да знаеме ако се месеци да бараме решение.

Ракот не чека тендери. Тој немилосрдно работи невидливо и деструктивно.

Ништо нема, ни биолошка терапија нема. Само ветуваат а ништо не прават. 

Министерот за здравство Азир Алиу вели дека свесен е дека некои лекови доцнат но според него главната причина е поради тоа што во Македонија нема систем кој следи колку лекови се потребни и каде завршуваат тие лекови. Вели дека проблемот не е до министерството и лековите ќе бидат достапни. 

Азир Алиу, министер за здравство 

- Следење на сите лекарства кај нас е поим кој што уште еднаш напоменувам дека не бил дискутиран а не па имплементиран. Во оваа фаза следиме и правиме каков тип на архитектура ќе направиме за да може да се воведе се со цел не само да знаеме колку има потреба туку и како и каде завршуваат лековите кои ги имаме во здравствениот систем. Заради таа неследливост доаѓаме до вакви ситуации. Многу често не по пропуст од здравствената институција туку поради доцнење на операторите кои треба да ги импортираат но на крај на ден ние мора и задолжени сме да имаме лекови за сите пациенти и тоа ќе го направиме со дигитализација на цел процес. 

За недостигот на лекови за пациентите со малигни заболувања пред неколку денови реагираа и од здруженијата на онколошките пациенти. Побараа лековите веднаш да им бидат достапни на сите пациенти.

Претходно за овој проблем  од Министерството за здравство најавија  дека буџетот за 2026 ќе биде зголемен за 50 проценти за два лекови за пациентките со рак на дојка.