Два дена после пукањето пред камери на митинг на ДУИ полицијата не може да открие кој пукал

Кој е човекот кој пукаше во воздух и тоа во толпа луѓе за време на митингот на ДУИ во Чаир и дали истиот воопшто има дозвола да поседува оружје - МВР и по три дена од инцидентот нема одогвори на овие прашања. Од таму и денеска само кусо одговорија дека се уште работат на расчистување на случајот. 

Пукањето со пиштол се случи среде толпа луѓе додека пратеникот од ДУИ Изет Меџити држеше говор. За среќа повредени нема, со оглед на тоа што беа собрани огромен број на луѓе, а куршумите лесно можеа да повредат некој од присутните. Од ДУИ се оградуваат од инцидентот. 

ДУИ се оградува од инцидентот. Генералниот секретар на партијата, Артан Груби го осуди пукањето и повика да се спроведе истрага. 

„Се залагаме за мирна кампања каде што ќе ги презентираме нашите проекти за секоја општина имаме најдобра понуда најдобра кампања најдобри бројки во анкетите и не ни се потребни инцидентни ситуации и ова е веќе пренесено на сите претседатели на ограноци шефови на општински штабови.“ - изјави Артан Груби од ДУИ.

Експертите што ги консултираше ТВ 24 велат дека тука може да станува збор за неколку кривични дела. 

Според кривичниот законик пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба се движи од 200 до 500 евра. Зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години. Доколу лицето немало дозвола за поседување на оружје тогаш станува збор за кривично дело - Неовластено посредување на оружје.

Премиерот Заев денеска изјави дека МВР веќе ги има снимките и ги бара сторителите. 

„Не мислам дека тоа носи добро на некој, тоа одвраќа гласачи тоа одвраќа поддршки, одвраќа позитивен амбиент и второ е кривично дело, веројатно и злоупотреба на законот за оружје.“ - изјави Заев.

Опозициските партии пак обвинуваат за невицилизирани и недемократски кампањи и бараат од МВР итно да го расчисти случајот. 

„Оливер Спасовски овие три дена нема спроведено никаква истрага, затоа што и тој и Заев, не само што се плашат да го спроведуваат законот од коалиционите партнери, туку едноставно и имаат двојни аршини за луѓето од власта и за обичните граѓани.“ - изјави Димче Арсовски од ВМРО ДПМНЕ.

„Почнувајќи од првите три дена на предизборната кампања, актуелниот режим со оружје и вандализам има намера да ја наштети предизборната кампања. Ние се соочуваме со противници кои што не знаат што претставуваат демократски и цивилизирани избори, но ова се нивните последни клоци.“ - изјавија од Алијанса за Албанците. 

Снимката од пукањето за време на изборниот собир на ДУИ се појави пред два дена. На неа се гледа како додека актуелниот пратеник Изет Меџити зборува на митингот, од страна лице крева пиштол во воздух и пука. Ова не е првпат ДУИ да слави со пукање.