Дурмиши: Нема да дозволиме огромни профити на грбот на граѓаните

За утре се најавува повторно бојкот на маркетите поради високите цени. Дали поддршката на министерот Бесар Дурмиши, но и на Владата, за бојкотот на граѓаните на маркетите е клучен механизам во справување со високите цени или имаат конкретни механизми, Дурмиши рече дека утре или в понеделник ќе бидат соопштени мерките што ќе ги преземе Владата за високите цени на основните прехранбени производи. 

Супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи, покажала анализата на Сојузот на стопански комори на Македонија.

„Маркетите никогаш не ги зголемуваат цените самостојно, промена на цените се случува поради промените на цените на производителите или добавувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостаток на производи.“ - велат од ССКМ. 

Претходниот бојкот на маркетите резултираше со скоро 47 проценти намален промет на осумте најголеми ланци во земјава. Но, и по бојкотот цените останаа исти освен некои акциски цени кои ги применија дел од маркетите. 

Акцијата за бојкот на маркетите се шири ни регионот. Најактивно е во Хрватска и во Србија, но најави за бојкот доаѓаат и од Косово, Бугарија и од Грција.