ДУИ го бара целосниот извештај за инцидентот во Сарај, Независниот полициски синдикат со друга верзија за настанот
Жестоки реакции, меѓусебни обвинувања и политички препукувања по полициската интервенција во Сарај, во која беа претепани двајца млади, а шестмина полицајци добија суспензија.
ДУИ бара целосно расветлување на случајот и објавување на полицискиот извештај. Од ВЛЕН пак, возвраќаат дека институциите реагирале навремено и ја обвинуваат опозицијата за политичка манипулација.
Од партијата на Ахмети посочуваат дека двете лица биле тепани и по нивното приведување од полицијата. Бараат да се објави целосната документација за полициската интервенција.
ДУИ: „Затоа бараме да се објават првичниот извештај на полициската патрола, записниците и соодветната документација, со почитување на личните податоци и интегритетот на истрагата.Кој го составил извештајот? Што изјавиле полициските службеници кои учествувале во интервенцијата? Дали нивната верзија се совпаѓа со снимките што јавноста веќе ги виде?Ова се прашања на кои мора да се дадат официјални одговори.“
Од ВЛЕН, порачаа дека институциите реагирале во рекордно време и дека никој не може да избега од одговорност. Заменик министертот за внатрешни Астрит Исени упати остри обвинувања кон ДУИ, тврдејќи дека опозицијата се обидува полициското насилство да го претвори во политичка пресметка.
АСТРИТ ИСЕНИ – ВЛЕН: „Униформата служи за да го заштити граѓанинот, а не за да го тепа. Ниту едно сомнение не го оправдува насилството врз граѓанинот. Но, штом се појавија снимките, албанската опозиција се обиде насилството врз двајцата млади да го претвори во политичка пресметка.“
Во полемиката се вклучи и Независниот синдикат на полицијата, од каде што најостро ги осудуваат обидите на случајот да му се даде етнички предзнак. Од Синдикатот тврдат дека осомничените се обиделе да прегазат полицајци, одзеле службено оружје, а при бегството предизвикале и неколку сообраќајни незгоди на автопатот Скопје – Тетово.
НЕЗАВИСЕН СИНДИКАТ НА ПОЛИЦИЈАТА (СООПШТЕНИЕ): „Независниот синдикат на полицијата најостро ги осудува обидите за политичка манупулација и ставањето на етнички предзнак на борбата против недозволената трговија со дрога.“
„Секако ги повикуваме сите релевантни структури да извршат внимателна проверка и контрола на настанот и постапувањето на колегите, додека политичките партии да се воздржат од заземање на страната на криминалот.“
Од МВР вчера информираа дека по прегледувањето на снимките и изјавите на сведоците, Внатрешната контрола утврдила низа неправилности при постапувањето на полициските службеници. Против шестмина полицајци ќе бидат поведени дисциплински постапки и ќе следуваат суспензии. За случајот постапува и Обвинителството, а по комплетирањето на доказниот материјал ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

