ДУИ бара оставка од Костадиновски: „Уставниот суд го поткопува Рамковниот договор!“

Не стивнуваат реакциите на партиите од албанскиот блок за системот сејф сити.После вчерашната одлука на Уставниот суд денеска од ДУИ бараат оставка од претседателот на судот Дарко Костадиновски оти ги надминувал надлежностите и брутално интервенирал во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата.

Во спротивно велат тој ќе сноси целосна одговорност за секоја последица што може да се појави на планот на меѓуетничките односи.

ДУИ

„СМС-пораките во рамки на системот „Safe city“ треба да се испраќаат само на македонски јазик, додека можат да се испраќаат и на англиски, но не и на албански.Тоа  претставува дискриминација и кршење на духот на Уставот. Во последните две години Уставниот суд носи одлуки кои ги поткопуваат достигнувањата од Охридскиот мировен договор. Притоа албанските и турскиот судија во судот биле надгласани. Бараме итна оставка од Костадиновски, како и од секој судија кој ги поддржува ваквите ставови.“  

Во реакцијата, партијата упатува критики и кон коалицијата ВРЕДИ, оценувајќи дека е коодговорна за, како што потенцираат, антиуставните постапки на Уставниот суд.

Од Вреди пак велат дека употребата на албанскиот јазик е основно човеково право кое е една од темелните вредности на Уставот. 

„Државните институции имаат обврска да го обезбедат исполнувањето на правото на секој граѓанин на државата на неговиот мајчин јазик да биде известуван, вклучително и за обврските кои си ги наметнал заради своето поведение. Ова важи и за системот „Сејф сити" – додаваат од владејачката партија Вреди. 

Инаку вчера Уставниот суд ги отфрли иницијативите со кои се оспоруваше уставноста на законските измени за системот „Safe City“. Судиите иако со поделени ставови одлучија дека измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата не се во спротивност со Уставот.

Се офрлија иницијативите кои ја проблематизираа заштитата на личните податоци и приватноста, употребата на Законот за јазиците,како и забелешките за  нерамномерната поставеност на системот  со образложение дека законското решение е во рамките на јавниот интерес за поголема безбедност.