Државните инспектори дојдоа на паркингот кај “Скендербег”, што пронајдоа, не се знае

Инспекторите на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам денеска на терен дојдеа во полн состав за да направат инспекциски надзор како и кој го узурпирал државното земјиште кое е во зоната на заштитено подрачје.

Како дојдоа така и си заминаа. Детали за извршениот надзор и за тврдењата дека физичкото лице кое има поставено рампа за што наплаќа по 50 денари и не издава фискална сметка не дадоа. Откако си заминаа во своите канцеларии видно вознемирени испратија кратка информација во која наведуваат дека:  

„Предмет на инспекциски надзор беше постојниот објект лоциран на катастарска парцела 8901 како и пристапот до неговиот објект. Од денешниот увид следи постапка со која треба да се утврди дали е надлежност на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам или на инспекциските служби при Град Скопје и општина Чаир.“ - велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. 

Со паркингот управува Аљуш Енуз кој не сакаше да зборува пред камера но не прими во хотелот Де Кока за да објасни дека наводите на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се тенденциозни и невистинити. Аљуш Енуз тврди дека ги поседува сите потребни документи и дека просторот кој се наоѓа на државното земјиште кое е во заштитена зона го користи врз основа на законски прописи како собраќајно решение издадено од надлежните институции. Дека наплаќаат по 50 денари од час  за паркинг и не издаваат фискална сметка вели дека не е точно.  

„Ние им ги покажавме сите документи на инспекторите од сите надлежни институции дека законски го управуваме тој простор. Исто така, им покажавме документи и решение од Секторот за Сообраќај на Град Скопје, од Министерството за Внатрешни Работи - Сектор за сообраќај Скопје, како и и сите други дополнителни и потребни документи. Од ДИГ, кога ги видоа документите кои ги приложивме како доказ, ни дадоа дополнително време да ги комплетираме и да ги поднесеме до нив. Исто така, категорично ги отфрлуваме обвиненијата дека паркингот се наплаќа.“ - вели Аљуш Енуз, сопственик на старата стоковна куќа „Илинден“. 

Инаку, Аљуз Енуз покрај тоа што управува со паркингот кој се наоѓа на државно земјиште, стопанисува и со старата стоковна куќа „Илинден“. Спротивно од тврдењата на Аљуш Енуз кој категорично ги отфрла обвинувањата дека наплаќа по 50 денари од час за паркинг, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам е дециден дека Енуз го узурпирал државното заштитено подрачје поставувајќи рампа за паркинг простор преку кој профитира.