Државните електрани во дилема од кого да се набави гас

Цената за набавка на гас потребен за скопските топлани, која Макпетрол му ја понуди на ЕСМ е висока, но засега тоа е единствената официјална понуда. Затоа државните електрани се двоумат дали да набават гас од овој добавувач или да чекаат и други понуди.

ЕСМ денеска прво соопшти дека за ноември ќе набави гас од Макпетрол, оти другата понуда од странска компанија била само информативна и ја чекале во официјална форма, за подоцна да испрати ново соопштение.

„По разгледување на новите понуди, утврдено е дека цената на понудата од Макпетрол е висока, така што во АД ЕСМ се размислува дали да се набави гас за ноември за топланите од Макпетрол или да се сочекаат и другите понуди, кои во моментов се испратени како некомплетни“.

Засега е непознато по која цена Макпетрол го нуди гасот, но имајќи предвид дека цената на меѓународните берзи паѓа, многу е веројатно дека ЕСМ калкулира со времето и смета дека што повеќе се чека, ќе се добие пониска цена, но и долгорочни договори, тврдат експертите. Првиот човек на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи очекува стабилизирање не само на цената на гасот, туку и на струјата и на нафтата во периодот кој следува.

Од ЕСМ оставаат простор до утре, за да стигне евентуално уште една официјална понуда, по што ќе донесат конечна одлука. Во меѓувреме, институциите од здравствениот и образовниот сектор кои се затоплуваат на гас, ќе можат непречено да набавуваат ваков енергенс од Србија, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски. По реакцијата на Владата, северниот сосед ја иззема земјава од забраната за извоз на компримиран гас.