Државниот капацитет на болниците е речиси исполнет до последно место

Ќе има ли место во државните болници за сите пациенти со КОВИД на кои што ќе им треба лекување? Болничките капацитети  се полнат, дел од медицинскиот кадар си оди во приватните установи, другиот дел се на работ на силите. Министерот за здравство тврди дека и покрај вавките состојби, системот е подготвен за новиот наплив на пациенти. 

„Ние тврдиме дека можеме апсолутно сите пациенти во целокупниот период кој е пред нас да ги изменаџираме со третман во јавно здравстените установи. Имаме конкретен план не само за скопските инфективни одделенија, туку и за сите болнички инфективни одделенија во државата.“ - вели Филиче.

Но, за разлика од здравствените власти, дел од директорите на болниците во внатрешноста на земјава предупредуваат дека со постојниот персонал веќе не може да се одговори на потребите. Состојбата велат е алармантна, нема ниту простор ниту кадар, а доколку продолжат ваквите трендови велат дека ќе мора да се бараат нови решенија. 

„Состојбата во струмичката болница моментално е алармантна. Немаме простор за нови хоспитализации и немаме доктори кои што може да ја покријат работата на пациентите. Имаме многу пациенти а креветите се пополнети. Ако продолжат ваквите состојби ќе мора да бараме решенија да обезбедиме нови простори, но и да бараме персонал кој што ќе работи со тие пациенти. Засега се држиме, ама не знам до кога ќе биде тоа, ако продолжи вака сега и со сезонскиот грип ќе има потешкотии.“ - изјави д-р Наќе Гогов – директор на Општа Болница Струмица. 

Министерот вели дека во моментов нема  потреба од дополнителни рестрикции, освен веќе  предложените да се носи маска на отврено и да се забрани групирањето надвор и внатре во домовите. Но, за да стапат на сила овие мерки, прво мора да се направат законски измени.

„Во текот на денешниот ден имаме уште неколку консултации како ќе се спроведе тоа за да за кратко време практично ја имаме оваа одлука на сила. Во овој момент ссвен овие препораки нема потреба од други дополнителни рестрикции. Други дополнителни рестрикции би вклучиле рестрикции што се однесуваат на луѓето во јавниот превоз евентуално ограничување на работните часови кај дел од економските субјекти угостителски објекти итн.“ - вели Филиче. 

Бројот на новозаболени и починати продолжува да расте. Последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека бројот на новодијагностицирани во споредба со претходната недела е зголемен за дури 86 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија, а најголем дел од новозаразените се на возраст од 30 до 39 години.