Државната ревизија откри низа пропусти во работењето на МЕПСО
Сериозни системски слабости откри Државниот завод за ревизија во работењето на АД МЕПСО во 2024 година. Податоците од ревизорскиот извештај покажуваат дека се утврдени недоследности во сопственоста на далноводите, потоа откриени се неругуларности при вработувања, а за дел од потрошените пари по основ на инвестиции на државната компанија недостасувала соодветна документација.
Во извештајот се нотира дека од вкупно 112 далноводи на МЕПСО, за дури 59 од нив компанијата не располага со имотни листови. Дополнително, сè уште не се решени сопственичките односи за 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на МЕПСО и „ЕВН Македонија“. А сметководствената евиденција не овозможува да се потврди точниот број и вредност на овие објекти.
ДЗР
„Има завршени проекти со вредност над 1,2 милиони евра кои не се ставени во употреба. Дополнително, кај проектот за далноводот ТС Валандово – ТС Милетково, МЕПСО веќе платил над 155.000 евра за провизии за одобрен заем од ЕБОР, иако изградбата сè уште не е започната. Од вкупно одобрените 102,4 милиони евра меѓународни кредити, дури 53,4 милиони евра останале неповлечени.“
Во однос на вработувањата, ревизорите утврдиле дека кај 45 нововработени лица, или 65 проценти од вкупниот број нови вработувања, ревизорите утврдиле неправилности во исполнувањето на условите од јавните огласи и систематизацијата. Документацијата која е ревизорите ја прочешлале покажала дека дел од вработените биле прераспределени или унапредени кратко време по нивното вработување.
А заклучно со 2024 година, за земените заеми на компанијата, платени се провизии за одобрување и неповлечени средства, како и камати во вкупен износ од близу девет милиони евра, што претставува 8,8% од вкупниот износ на одобрени заеми. Ненавременото користење на заемите го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем.
ДЗР
„Побарувањата по дадени заеми на акционерски друштва во државна сопственост изнесуваат приближно 9.5 милиони евра и истите се повеќе од 10 пати зголемени во однос на 2020 година. Давањето заеми не е основна дејност на АД МЕПСО Скопје, поради што ваквата практика негативно влијае врз ликвидноста и финансиската состојба на друштвото.“
Во извештајот се потенцира и потребата од санација на фасадата на управната зграда, која била оштетена во 2020 и 2021 година, иако за нејзина реконструкција и адаптација во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени околу 8,9 милиони евра.

