Државната антикорупциска комисија го проверува имотот на претседателот Иванов
Foto

Државната антикорупциска комисија го проверува имотот на претседателот Иванов

Државната антикорупциска комисија отвори предмет по допрен глас за да го проверува имотот на претседателот Ѓорге Иванов, откако телевизија 24 објави дека тој купил два стана и гаража на име на неговиот син, кои се запишани во Катастарот со преддоговор за купопродажба, зашто становите се се уште во градба.

Антикорупционерите сега ќе проверуваат каков се имот поседува претседателот и од каде му се парите за двата стана, кои според проценките чинат над 250 илјади евра. Иванов во Антикорупциска не пријавил дека трошел пари од банкарските сметки, ниту дека зел кредит за купување на станови, како што тој вчера тврдеше за телевизија 24. Претседателот, како и сите други функционери, е должен да пријави промена на имотот во рок од 30 дена од промената, а според анкетниот лист, тој тоа не го направил.

Од вилата на Водно денес немаше одговор зошто претседателот тврди дека купил само еден стан, кога во катастарската документација до која дојде телевизија 24 со барање за слободен пристап до информации, јасно стои дека на име на неговиот син се запишани два стана, едниот од 91 метар квадратен, а другиот од 131. Дополнително е купена и гаража од 23 метри квадратни. Од кабинетот само кусо ја поздравија најавата дека Антокурупциска ќе ја проверува имотната состојба на Иванов.

„Претседателот Иванов порачува дека чесен влезе во политиката и чесен ќе излезе на крајот од неговиот втор мандат. Ја охрабруваме Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по овој случај. Но, исто така, ја охрабруваме Комисијата на ист начин да постапи и со сите други носители на државни и јавни функции во Република Македонија“ - соопштија од кабинетот на Иванов.

Десетгодишниот мандат на Иванов завршува на 12 мај. Истиот ден тој ќе треба да се исели од претседателската палата. Како пензиониран претседател тој ќе зема пензија од 91 илјада денари, исто колку што изнесува и претседателската плата. Покрај двата стана на Водно, Иванови поседуваат и стан во Центар вреден 80 илјади евра. На банкарските сметки Иванов има собрано околу 100 илјади евра. Неговиот син 35 илјади, стекнати со продажба на имот. Сопругата Маја, пак, во банка има 2 илјади евра.

Иванов дојде во претседателската вила со поддршка на дел од професорскта фела и ВМРО-ДПМНЕ. Заминува како претседател со оспорен легитимитет од страна на политичките опоненти но и од дел од истатата професорска елита што своевремено го поддржа. Ќе остане запаметен по прогласената па повлечена аболиција поврзана со политичките бомби, отворено спротивставување на преспанскиот договор, непотпишување на Законот за јазици, но и не назначувањето на Зоран Заев за мандатар по парламентарните избори, што повлече тектонски поместувања на политичката сцена во земјата.

0 Коментари

Остави коментари