Државна ревизија: Не се почитуваат рокови за градење, пропаѓаат европски пари, се плаќаат казни

Државниот завод за ревизија утврди низа слабости во управувањето со капиталните инвестиции и со ЕУ фондовите. Проекти се влечат по една деценија и никако да се завршат, а трошоците за нивна реализација растат.

Од 24 ревидирани проекти според извештајот, за 19 се склучени договори за градба, а за пет проекти иако подготовките се започнати пред повеќе години се уште нема склучено договори за градба. Вредноста на проектот за изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток, односно фаза 3 пораснала за 220 милиони евра. Првично во договорот меѓу ЕУ и Македонија била сума од 340 милиони евра, но била зголемена на 560 милиони евра. 

- Фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,7 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата, се наведува во извештајот на Државен завод за ревизија. 

Автопатот кој и по 10 години не е завршен Кичево Охрид,  според извештајот  ќе чини 589 милиони евра, а новиот рок за негова изградба е крајот на 2026 година.

Скоро 20 милиони евра ќе чини еден килипметар за автопатот долг 10 и пол километри од Скопје до граница со Косово, проценетата вредност за неговата градба од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра. Од другатарана за изградба на Коридор 8 и Коридор 10д во должина од 108 км бидејќи е донесен специјален Закон со кој се уредени условите и начинот за градба, ревизијата не можела да ја потврди проценетата вредност од 1,3 милијарди евра.

Проектот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје e најголема инвестиција од областа на животна средина за кој од државата обезбедени се средства во износ од 196 милиони евра, и доделени се ЕУ средства во вредност од 69,7 милиони евра. 

- Иако за овој проект се обезбедени средства, подготовката на овој проект е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица за отпадни води во градот Скопје, но и после десет години проектот не е подготвен за физичка реализација.  - велат од ДЗР.

Веќе е познато дека кај проектите од областа на здравството, изградба на Клинички Центар Скопје и на Регионална Болница Штип се откажани поради раскинати договори за заем и за градба. За двата проекти покрената е арбитража од изведувачите во вкупно 45 и пол милиони евра. Не е завршена ниту изградбата на три капитални проекти во водостопанството, иако е започната активност за реализација на проектите во октомври 2015 година, односно декември 2016 година.

За трите проекти со вкупна договорна вредност од 91 милион евра, не биле создадени услови за почеток за градба.